Нова странска инвестиција во Битола: Фабриката „Брејнчајлд“ започна со производство на спортска опрема

Нова странска инвестиција во Битола: Фабриката „Брејнчајлд“ започна со производство на спортска опрема

Во индустриската зона „Жабени“ во Битола свечено беше отворена новата фабрика „Брејнчајлд Производство“, инвестиција на странски капитал насочена кон еколошко производство во индустријата за кајтови и спортски крила за вода. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, локалните власти од Општина Битола, сопственикот на компанијата Ралф Гросел, како и претставници на повеќе институции и бизнис секторот.

Инвестицијата е поделена на два посебни правни субјекти со специфични дејности. Првиот ентитет, „Брејнчајлд Продукција“, функционира како центар за истражување и развој со 30 вработени, каде што се дизајнираат, тестираат и изработуваат прототипи од нови еколошки материјали и технологии. Вториот ентитет е „Брејнчајлд Производство“, каде што се ангажирани 226 вработени и каде веќе се врши сериско производство на одобрените производи. Во овој погон во моментов месечно се изработуваат меѓу 900 и 1.100 спортски крила наменети за светскиот пазар, кои ги користат и професионални спортисти.

За време на посетата, премиерот Мицкоски изрази благодарност до локалната самоуправа за брзата административна реализација на проектот и најави дека во претстојниот период во Битола се очекуваат уште најмалку две нови инвестиции кои се во фаза на подготовка. Од страна на Општина Битола беше истакнато дека економскиот напредок на градот останува приоритет, со посебен фокус на инфраструктурното доуредување на Индустриската зона „Жабени“. Во изминатите неколку години зоната бележи зголемен интерес, при што на седум јавни наддавања се отуѓени над 20 градежни парцели.

Сопственикот на компанијата, Ралф Гросел, кој е меѓународен инженер и дизајнер на опрема за водни спортови, пред присутните го изрази своето задоволство од почетокот на работата. На свеченото отворање присуствуваа и пратеници, заменици-министри, претставници од општинскиот совет и директори на јавни претпријатија.

Асоцијација (10 јуни 2026)