Нова потенцијална инвестиција од 25 милиони евра: Турската „Sivriler Group“ планира над 100 вработувања во ТИРЗ

Нова потенцијална инвестиција од 25 милиони евра: Турската „Sivriler Group“ планира над 100 вработувања во ТИРЗ
Сподели:

Турската компанија „Sivriler Group“ разгледува можност за реализација на нова голема инвестиција во Македонија. Ова беше соопштено по денешната работна средба меѓу директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Гоце Димовски, и директорот на турската компанија, Ахмет Сиври.

За време на средбата, на гостите од Турција им беа презентирани условите за инвестирање во технолошко-индустриските зони, расположливите инфраструктурни капацитети, како и државната поддршка која ДТИРЗ ја нуди во сите фази од инвестицискиот процес. Како дел од посетата на ТИРЗ Скопје, претставниците на турската компанија направија директен увид во капацитетите на зоната.

Инвестицискиот проект на „Sivriler Group“ предвидува вложување од 25 милиони евра и отворање на повеќе од 100 нови работни места. Според првичниот план, новата фабрика ќе биде насочена кон воспоставување на модерен производствен капацитет кој ќе биде целосно извозно ориентиран.

Директорот Димовски потенцираше дека ДТИРЗ останува силно посветена на активното привлекување странски директни инвестиции и на обезбедувањето брза и ефикасна институционална поддршка за деловните субјекти. Според него, интересот од реномирани компании како „Sivriler Group“ е уште еден доказ дека земјата нуди конкурентни услови, стабилност и атрактивно деловно опкружување за долгорочен бизнис развој. Од своја страна, претставниците на турската групација изразија задоволство од понудените услови, посочувајќи дека оваа посета е клучен чекор во финалната евалуација на проектот пред неговата конечна реализација.