Армијата се опреми со нови 29 лесни оклопни возила JLTV од САД

Армијата се опреми со нови 29 лесни оклопни возила JLTV од САД

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, денеска присуствуваа на презентација на 29 нови лесни оклопни возила JLTV (Joint Light Tactical Vehicles) кои пристигнаа во Касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, истакна дека новите возила се набавени преку договор „влада со влада“ со Соединетите Американски Држави и веќе се дел од воениот арсенал на државата. Тој најави дека наскоро се очекува да пристигнат и дел од оклопните возила „Страјкер“ (Stryker) од американско производство.

„Возилата JLTV се наменети за лесната пешадиска баталјонска група. Со денешната испорака, вкупниот број на JLTV возила достигна 67 од предвидените 96 колку што опфаќа проектот. Очекуваме до крајот на годината да пристигнат и останатите возила од овој договор“, изјави Мисајловски.

Со новите седум договори потпишани со САД во декември минатата година, модрнизацијата на армијата ќе продолжи со набавка и опрема за специјалните сили, беспилотни системи, опрема за кибер-заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и опрема за контрола на здружен оган.