Од денес попусти на училишен прибор, започнува владината мерка „Училишна кошница“ за заштеди во семејниот буџет

Од денес попусти на училишен прибор, започнува владината мерка „Училишна кошница“ за заштеди во семејниот буџет

Од денес, 15 август, започнува втората сезона на мерката „Училишна кошница“, со цел да се олесни товарот врз семејните буџети пред почетокот на учебната година. Според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, се очекува семејствата да заштедат меѓу 800 и 2.000 денари по ученик.

Оваа одлука, која ќе важи до 15 септември, ги обврзува трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор да ги вратат цените на нивото од 1 јуни. Дополнително, на овие производи мора да се примени попуст од најмалку 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало.

Мерката ги опфаќа сите основни училишни материјали: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други слични производи.

„Минатата година, со спроведувањето на оваа мерка, имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари. Оваа мерка е наменета да го заштити животниот стандард на граѓаните, особено во период со зголемени трошоци за подготовка за зимската сезона, како што се набавки за зимници и огрев“, истакна Ристески.

Тој ги потсети трговците дека се обврзани јасно да ги означат артиклите со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како и да ја прикажат старата цена од 1 јуни 2025 година и новата цена со попуст.

Спроведувањето на одлуката на терен ќе биде контролирано од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, кои ќе постапуваат согласно нивните законски овластувања.