„ShanghaiRanking Consultancy“ го објави рангирањето на светските универзитети за 2025 година, познато како „Шангајска листа“. И оваа година, меѓу најдобрите илјада универзитети во светот, нема ниту еден универзитет од Македонија.
Според рангирањето, Универзитетот Харвард го задржува првото место 23-ти пат по ред, потврдувајќи ја својата доминантна позиција во светски рамки. Веднаш по него се наоѓаат Универзитетот Стенфорд и МИТ. Меѓу првите десет универзитети се и Кембриџ (4-то место), Беркли (5-то), Оксфорд (6-то), Принстон (7-мо), Колумбија (8-мо), Калтех (9-то) и Чикаго (10-то).
Интересно е што универзитетите од Кина го надминаа бројот на американските универзитети во Топ 1000 (222 наспроти 183). Сепак, Соединетите Американски Држави сè уште имаат значителна предност во Топ 100, со 37 универзитети, наспроти 13 од Кина и 8 од Велика Британија.
Германија и понатаму има силно присуство во Топ 100 со четири универзитети, додека Франција покажува зголемена конкурентност со четири институции во истата група, предводени од Универзитетот Париз-Сакле на 13-то место.
Во земјите од регионот, универзитетите во Бугарија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ги нема на рангирањето.
Србија го има Белградскиот универзитет, кој е рангиран меѓу 401 и 500-тото место.
Хрватска е претставена со Универзитетот во Загреб, кој се најде во групата од 601 до 700-то место.
Словенија го има Универзитетот во Љубљана, кој е рангиран меѓу 501 и 600-тото место.
Грција има четири универзитети на листата: Солунскиот и Атинскиот универзитет се во групата од 501 до 600-то место, Универзитетот во Крит се наоѓа меѓу 801 и 900-то место и Универзитетот во Патрас е рангиран во групата од 901 до 1000-то место.