Лишено од слобода лице од Бучим: Во возилото пронајдени 14.440 евра, одреден му е притвор

Лишено од слобода лице од Бучим: Во возилото пронајдени 14.440 евра, одреден му е притвор
Сподели:

Полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишиле од слобода 35-годишниот М.В. од село Бучим, радовишко, откако при преглед на неговото возило биле пронајдени над 14 илјади евра за кои немал доказ за потекло.

Полицијата го забележала патничкото возило „ауди“ со радовишки регистарски ознаки на магистралниот пат кај крстосницата за Неготино. За возачот М.В. претходно била изречена мерка на претпазливост - забрана за напуштање на домот, поради сомнение за сторено кривично дело за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Возилото било запрено на магистралниот пат Радовиш-Штип, кај крстосницата за село Бучим. При извршениот преглед, полициските службеници пронашле 14.440 евра во различни апоени, за кои лицето не приложило никаков доказ за потеклото.

За случајот веднаш е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а лицето било задржано во Полициската станица Радовиш. Судија од Основен суд Гевгелија му определил мерка притвор во траење од 30 дена, по што М.В. бил спроведен во Казнено-поправната установа „Затвор Скопје“.

По насоки на јавниот обвинител, ОВР Радовиш презема дополнителни мерки и активности за целосно утврдување на сите факти и обезбедување докази. Истрагата е насочена кон обезбедување докази за сомнение за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 од Кривичниот законик.