Заедничка акција на ренџерската служба од Националниот парк „Пелистер“ и полициски службеници од СВР Битола заврши со лоцирање и приведување на вооружени лица кои влегле длабоко во заштитената зона на планината. Акцијата започнала на 12 август по 19:00 часот, врз основа на претходно прибрани информации од теренот.
Во потрагата учествувале две патроли на паркот, предводени од директорот Иванчо Тошевски, заедно со полициски екипи, кои се движеле независно една од друга по исклучително тежок и непристапен терен на надморска височина од над 2.000 метри.
Едната патрола пристапувала од правец на селото Велушина, додека другата се движела од кај Инфоцентарот за да ги опколат лицата од повеќе страни. По повеќе од три часа пешачење во ноќни услови, околу 23:30 часот вооружените лица биле лоцирани во близина на локацијата Голема Грива, во зоната на строга заштита.
По нивното лоцирање, раководењето со акцијата го презеле полициските службеници. Целата операција завршила во раните утрински часови, околу 04:00 часот на 13 август, кога лицата биле спроведени во полициска станица.
Од ЈУНП „Пелистер“ упатија јавна благодарност до СВР Битола за високата професионалност и континуираната поддршка во заштитата на природното богатство. Од установата посочуваат дека овој дел од планината е тежок за редовна контрола бидејќи шумските патишта, кои се клучни за противпожарна заштита и патролирање, со години биле оставени да пропаѓаат.
Управата на паркот информира дека обновувањето на овие патни правци е високо на нивната агенда и веќе се работи на нивна санација, за подобро да се спречат идни обиди за незаконски активности во најзаштитените зони.

