Започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“: Крај на деценискиот сообраќаен хаос

Започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“: Крај на деценискиот сообраќаен хаос
Сподели:

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека официјално започна поставувањето на првиот слој асфалт на булеварот „Борис Трајковски“, со што се става крај на долгогодишните сообраќајни метежи за над 100.000 граѓани кои секојдневно транзитираат низ овој дел од градот.

Проектот се реализира со силно темпо, откако за нешто повеќе од три месеци беа надминати сите пречки што со години го кочеа неговото завршување.

Клучниот чекор за ослободување на трасата е успешното решавање на деценискиот проблем со имплементацијата и експропријацијата на земјиштето. Градоначалникот упати благодарност до стопанствениците за нивниот коректен и домаќински пристап, со чија соработка се создадоа услови за непречена работа на градежната механизација.

Според планот за градба, по завршувањето и асфалтирањето на едната страна, сообраќајот ќе биде пренасочен, по што веднаш ќе започне целосната реконструкција и поставувањето нов асфалт и на другиот дел од коловозот.

Покрај површинското асфалтирање, на целата траса паралелно е изградена и соодветна нова атмосферска канализација. Со ова подземно решение се обезбедува правилно одведување на атмосферските води, поголема безбедност во сообраќајот за време на врнежи и долготрајност на новиот булевар за наредните децении.