Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, денеска соопшти дека е пуштена во сообраќај првата делница од новиот булевар што ги поврзува Струмица и Дабиле. Проектот, како што истакна Костадинов, е заедничка инвестиција на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и Општина Струмица, со средства обезбедени од буџетот.
Градоначалникот потенцираше дека реализацијата на овој важен инфраструктурен проект е резултат на соработката на повеќе лица. Тој посочи дека проектот е започнат во времето на директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, а партнерскиот договор е потпишан од негова страна заедно со тогашниот директор Ејуп Рустеми. Првата делница е завршена во соработка со сегашниот директор Коце Трајановски, на кои Костадинов им се заблагодари за придонесот.
Костадинов посебно му се заблагодари на својот општински тим за нивните напори во надминувањето на бројните имотно-правни проблеми кои го одложуваа завршувањето на првата делница. Тој ја призна нервозата кај граѓаните поради пролонгирањето на изградбата, но објасни дека причината се сложените законски процедури.
Според градоначалникот, важноста на овој булевар е огромна. Тој не само што ќе го растовари сообраќајот на една од најфреквентните делници, туку и ќе овозможи подобра поврзаност на голем дел од околните села. Со булеварската врска, Дабиле ќе добие третман на градска населба, со директен пристап до центарот на Струмица, две индустриски зони и врска кон Република Бугарија.