Општина Карпош ја промовираше услугата „Итно копче“ за постарите лица кои живеат сами и лицата со попреченост

Општина Карпош ја промовираше услугата „Итно копче“ за постарите лица кои живеат сами и лицата со попреченост
Сподели:

Во Пензионерскиот клуб во Влае денеска официјално беше промовирана новата социјална услуга „Итно копче“, наменета за постарите лица кои живеат сами и за лицата со попреченост кои престојуваат во домашни услови. Иницијативата се реализира како резултат на соработката меѓу Општина Карпош и Црвениот крст на Град Скопје, во рамки на проектот за здраво стареење и услуги за помош во домот, поддржан од Швајцарскиот Црвен крст.

Основната цел на проектот е обезбедување постојана заштита и социјална сигурност за најранливите категории граѓани. Преку овој систем, со само едно притискање на копчето, корисниците добиваат 24-часовна поддршка од обучени лица, соодветен совет и психосоцијална помош, а во итни случаи се организира и брза интервенција на терен.

Од Општина Карпош истакнуваат дека воведувањето на оваа услуга претставува значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот, самостојноста и достоинството на повозрасните сограѓани. Општинските власти најавуваат продолжување на активностите за создавање нови социјални услуги со кои ќе се обезбеди системска грижа за секој жител на кој му е потребна помош.