Расчистен Паркот на новинарите во Центар: Герасимовски побара итна реакција од МТСП за бездомните лица

Расчистен Паркот на новинарите во Центар: Герасимовски побара итна реакција од МТСП за бездомните лица
Сподели:

Општина Центар, во координација со надлежните општински и комунални служби, спроведе акција за расчистување на јавниот простор во Паркот на новинарите, сместен спроти објектот на „Нова Македонија“. Интервенцијата следуваше по зачестените пријави од страна на граѓаните за натрупан комунален отпад, поставени импровизирани шатори и нарушување на јавниот ред и мир во овој дел од општината.

Со спроведената теренска акција, импровизираните живеалишта се отстранети, а парковските површини се целосно исчистени со цел просторот повторно да им се врати на жителите како безбедна и уредена јавна површина. Градските и општинските власти истакнуваат дека одржувањето на редот, хигиената и безбедноста на сите јавни локации во Центар останува еден од основните приоритети во нивното секојдневно работење.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати јавен апел до Министерството за социјална политика, демографија и млади за итно вклучување во процесот на трајно решавање на статусот и згрижувањето на бездомните лица. Според него, неопходна е системска институционална поддршка за да се спречи повторување на ваквите ситуации на јавните површини во иднина.