Николоски: Од Гостивар до Скопје ќе се патува за 40 минути со воз во 2029 година

Николоски: Од Гостивар до Скопје ќе се патува за 40 минути со воз во 2029 година

Министерот за транспорт, Александар Николоски, при неговата посета на Општина Гостивар најави дека Владата усвои грант од Европската Унија наменет за целосна рехабилитација, сигнализација и електрификација на железничката пруга која се протега од Скопје, преку Јегуновце, Тетово, Гостивар, до Кичево.

Министерот посочи дека грантот ќе биде искористен за изработка на целокупната потребна документација, вклучувајќи префизибилити студија, физибилити студија, еколошка студија и проектна документација.

„Според барањата на ЕУ, целокупната документација треба да се заврши за околу 18 месеци. Се надевам дека во 2027 година ќе имаме избран изведувач којшто би работел на проектот“, изјави Николоски.

Според плановите, проектот за рехабилитација на пругата треба да заврши до 2029 година. По неговото завршување, возовите би требало да сообраќаат со брзина од 120 километри на час, што значи значително скратување на времето за патување.

„Очекуваме дека од центарот на Гостивар до центарот на Скопје ќе се патува за околу 40 минути, а од Тетово до Скопје за некаде околу 20 минути“, нагласи министерот.

Следете ги најновите вести на Viber
Николоски: Од Гостивар до Скопје ќе се патува за 40 минути со воз во 2029 година