Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ започнува нов инвестициски циклус во својот капацитет во индустриската зона Жабени во Битола. Проектот предвидува отворање на нови 2.000 работни места во следните четири години, каде што ќе се произведуваат електрични инсталации и кабли за најновите модели на автомобилскиот бренд „Ауди“.
Оваа вест денеска на прес-конференција ја соопшти претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој истакна дека новата инвестиција претставува силен развоен импулс за Битола, Пелагонискиот Регион и целата домашна економија. Со реализацијата на овој проект, вкупниот број на вработени во фабриките на „Кромберг и Шуберт“ во Битола и Скопје се очекува да достигне до 10.000 лица.
Во рамките на новиот производствен циклус е предвидено дневно производство на над 3.000 кабелски снопови за новите модели на „Ауди“. Како што најавија од менаџментот, новиот проект ќе донесе и технолошка модернизација на погоните во Жабени, со воведување системи за автоматизација и вештачка интелигенција (ВИ), како што се автоматски камери за контрола на квалитетот и следење на деловите.
Комерцијалниот директор на „Кромберг и Шуберт“, Ѓорѓи Тренковски, потенцираше дека проектниот менаџмент на компанијата целосно се префрла во Битола. Планот на компанијата е сите досегашни странски менаџерски позиции постепено да бидат заменети со домашни стручњаци, при што ќе се оствари и засилена соработка со македонските универзитети за регрутирање на нови инженери и оператори.
Според владините проценки и очекувањата на менаџментот, идната година извозот од сите капацитети на „Кромберг и Шуберт“ во земјава се очекува да го надмине прагот од 400 милиони евра, при што просечните плати за висококвалификуваниот инженерски кадар се за над 80 проценти повисоки од државниот просек.

