Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, оствари работна посета на Подрачната единица на Министерството во Куманово, каде што се сретна со вработените и со локални земјоделци од регионот. Во рамките на посетата беа свечено доделени првите картички за зелена нафта, кои се реализираат преку мерката 10 од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година.
За подрачјето што го покрива оваа единицa, во кое влегуваат и општините Липково и Старо Нагоричане, предвидени се вкупно 3.641 картичка, со вкупна финансиска вредност од 33.227.969 денари.
На државно ниво, за мерката за зелена нафта се обезбедени вкупно 564 милиони денари за 48.037 корисници. Висината на поддршката директно се утврдува врз основа на пријавените земјоделски површини и видот на културите, со износи што се движат од 3.200 до 12.000 денари по хектар.
За време на средбата, заменик-министерот Хоџа ја нагласи важноста од ваквите мерки во услови на зголемени производствени трошоци.
„Свесни сме дека трошоците во земјоделството се високи, затоа преку мерката зелена нафта настојуваме да им олесниме дел од производствените трошоци на нашите земјоделци. Им благодарам за нивниот секојдневен труд и посветеност, бидејќи домашното производство се темели токму на нивната работа“, истакна Хоџа, упатувајќи благодарност и до вработените во подрачната единица за нивниот професионален ангажман.

