Со свечена церемонија вечерва во 18:00 часот официјално се отвора новиот современ трговски и деловен комплекс „Triangla Fashion Park“ во Општина Гази Баба. Станува збор за значајна локална инвестиција вредна 10 милиони евра, која носи нова економска енергија и современ урбан изглед во оваа скопска општина.
Комплексот се протега на вкупна површина од 15.000 квадратни метри, од кои 6.500 квадратни метри се наменети за трговски содржини и изнајмување. Во рамките на современо уредениот простор се интегрирани и деловен центар и хотел на површина од 5.000 квадратни метри, како и простран подземен паркинг со капацитет од над 200 паркинг-места, што целосно ги задоволува потребите на идните посетители и бизнис-партнери.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја истакна важноста на овој проект, нагласувајќи дека новата инвестиција претставува капитален чекор во унапредувањето на локалната економија.
„Овој комплекс создава услови за отворање нови работни места, привлекува нови бизниси, го проширува спектарот на трговски и услужни дејности и значајно ја зголемува економската активност во општината“, истакна Стефковски, додавајќи дека ваквите проекти ја зголемуваат атрактивноста на Гази Баба за идни домашни и странски инвеститори.
„Triangla Fashion Park“ е замислен како мултифункционален центар кој на граѓаните им нуди нови содржини, а на локалната економија ѝ обезбедува дополнителен потенцијал за одржлив раст и развој.

