Од март се воспоставува директна авиолинија Скопје-Дубаи трипати неделно

Од март се воспоставува директна авиолинија Скопје-Дубаи трипати неделно

Авиокомпанијата „ФлајДубаи“ од март следната година повторно ќе воспостави директна авионска линија на релација Дубаи-Скопје, со три лета неделно. Ова беше официјално потврдено за време на работната посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој оствари средба со главниот комерцијален директор на компанијата, Хамад Обаидала.

Во рамките на разговорите се разгледани можностите што ги нуди оваа директна воздухопловна врска за интензивирање на билатералната соработка, со посебен акцент врз поттикнување на трговската размена, привлекување странски инвестиции и зајакнување на туристичката и културната размена меѓу двете држави.

Министерот Муцунски посочи дека враќањето на директната авиолинија претставува конкретен резултат од засилените активности во рамките на економската дипломатија и заложбите за подобрување на меѓународната поврзаност на земјата.

Притоа, истакнат е и придонесот на Амбасадата на Македонија во Обединетите Арапски Емирати, чија континуирана дипломатска ангажираност во изминатиот период имаше клучна улога во финализирањето на овој договор.