ССМ: Македонија со најниска минимална плата во регионот

ССМ: Македонија со најниска минимална плата во регионот

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излезе со компаративна анализа за состојбата со минималната плата во регионот, потенцирајќи ја драстично лошата позиција на македонските работници.

Македонија е убедливо на дното со минимална плата од 397 евра, додека соседните земји најавуваат или веќе вовеле значително повисоки износи.

ССМ ја истакнува разликата во пристапот кон минималната плата во земјите од Западен Балкан:

- Косово: Минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази до јули 2026 година.

- Албанија: Од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе достигне 500 евра, со државни субвенции за осигурување на приватниот сектор (барање што го имаше и ССМ).

- Србија: Со одлука на Владата, минималната плата од октомври 2025 година изнесува 500 евра, а од јануари 2026 година ќе биде 550 евра.

- Босна и Херцеговина: Минималната плата за 2025 година е 511 евра. Во Република Српска се воведува скалеста минимална плата, која се движи од 512 евра за неквалификувани до 743 евра за ВСС работници.

- Црна Гора: Минималната плата е 600 евра за работници до средно образование и 800 евра за високо образование.

ССМ ја обвинува Владата за игнорирање на барањата на работниците, посочувајќи дека според најавите, минималната плата во Македонија нема да се менува до март 2026 година, кога се планира само законско усогласување кое нема да надмине 1.600 денари (околу 26 евра).

Од таму додаваат дека и покрај стагнацијата на работничките плати, функционерските плати остануваат зголемени за 78-79%. Тие го критикуваат фактот што за време на расправата за Буџетот за 2026 година, народните избраници со плати над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра добро живеат.

ССМ потсетува дека веќе организираше низа протести за зголемување на минималната плата и најавува дека тие ќе продолжат. Предупредуваат дека работодавачите со нивниот игноратски однос ќе предизвикаат генерален штрајк.

Следете ги најновите вести на Viber
ССМ: Македонија со најниска минимална плата во регионот