Николоски: Следната пролет ќе се вози по првите километри од автопатот Прилеп-Битола

Николоски: Следната пролет ќе се вози по првите километри од автопатот Прилеп-Битола

Министерот за транспорт, Александар Николоски, при денешната посета на терен изврши увид во градежните работи на автопатот Прилеп-Битола, истакнувајќи дека проектот се реализира со силен интензитет и според предвидениот динамички план.

Во моментов веќе е пробиена траса во должина од 22 километри, што претставува 55 проценти од вкупно предвидените 40 километри на оваа патна врска.

На терен активно се работи на повеќе позиции, па покрај обемните земјени работи, во тек е изградба на два моста, два потпатника, еден натпатник и една клучка.

Николоски потенцираше дека Пелагонија конечно ќе добие модерен автопат изграден по сите светски стандарди, што е од суштинско значење за иднината на целиот регион.

Се очекува следната пролет да бидат пуштени во употреба првите километри автопат на потегот од Прилеп до Битола, а целиот автопат да се заврши пред рокот со што ќе имаме комплетно автопатско решение од Прилеп до Битола.

Поради зголемениот интензитет на сообраќај и тековните градежни работи, министерот најави решение за олеснување на комуникацијата меѓу општините преку воведување на градски воз на линијата Прилеп-Битола-Жабени. Овој проект ќе се реализира во тесна соработка со јавните претпријатија МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт, а се очекува возот да биде пуштен во функција најдоцна до месец јуни.

Според министерот, навременото завршување на оваа магистрала ќе биде главен двигател за забрзан развој на Пелагонискиот регион. Со новата инфраструктура се отвораат можности за нови странски и домашни инвестиции, поддршка на локалните бизниси и отворање на нови работни места, што директно ќе придонесе за подобар животен стандард и посилна економска иднина за граѓаните во овој дел од државата.

Асоцијација (15 април 2026)