Турската мултинационална компанија „Џаво Отомотив“ (CAVO Otomotiv) започнува нов инвестициски проект во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово. Проектот беше официјално презентиран од страна на директорот на ДТИРЗ, Гоце Димовски, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Инвестицијата предвидува префрлање на целокупното производство на контролни кабли за автомобилската индустрија кое компанијата во моментов го реализира во Турција и Словачка.
Според доставениот бизнис-план, вредноста на инвестицијата во првите пет години (2026–2030 година) ќе изнесува меѓу 20 и 21 милион евра. Проектот започнува како „brownfield“ инвестиција со закуп на постоечки објект од 8.000 квадратни метри, со план капацитетите да се прошират до 21.000 квадратни метри до 2028 година. Компанијата, која произведува безбедносни системи, контролни кабли и механизми за водечките светски автомобилски брендови, планира да отвори помеѓу 400 и 550 нови работни места кога ќе го достигне полниот капацитет, а проектираниот годишен извоз се очекува да достигне до 45 милиони евра.
Премиерот Мицкоски истакна дека одлуката на странскиот инвеститор да пресели дел од своето производство во земјава покажува сигурност и предвидлива економска перспектива, нагласувајќи дека фокусот останува на реалниот економски раст заснован на производство и извоз. Министерството за економија и труд потсети дека ТИРЗ Тетово е единствената зона што функционира по моделот на јавно-приватно партнерство, а министерот Дурмиши посочи дека новите вработувања ќе донесат професионален развој за локалната работна сила. Во текот на 2025 година, компаниите во ТИРЗ Тетово веќе остварија производство од 6,4 милијарди денари и извоз од речиси 9 милијарди денари, обезбедувајќи работа за 1.845 лица.







