Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираше дека од почетокот на овој месец во државата се потврдени вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози. Новите случаи се регистрирани во одгледувалишта во Саса (Македонска Каменица), Соколарци (Чешиново-Облешево), Бигла (Делчево), Малино и Косевица (Свети Николе) и село Сопот (Куманово).
Со ова, вкупниот број на жаришта од појавата на првиот случај во јануари годинава во кумановско Лопате се искачи на 17, опфаќајки над 2.700 животни во 15 одгледувалишта за овци и две мешани одгледувалишта. Од АХВ смируваат дека болеста не претставува опасност за здравјето на луѓето.
Како дел од итните рестриктивни мерки, АХВ веќе изврши депопулација и присилно убивање на над 1.400 животни, а во текот на денешниот ден беше спроведена евтаназија со механички метод и во одгледувалиштето во кумановското село Сопот. По добивањето на соодветни локации за закопување од локалните власти, акцијата ќе продолжи и во преостанатите новопотврдени жаришта.
Агенцијата одржа и итна координација со здруженијата на сточари и Сојузот на одгледувачи на овци на Македонија за да ги запознае со биосигурносните мерки и протоколите за заштита. Во сите зони каде што е потврдено присуство на сипаници се спроведува итен попис, нештетно отстранување на угинатите или убиените животни, како и уништување на потенцијално контаминираната храна, волна, млеко и ѓубре, проследено со целосна дезинфекција.
На ниво на целата држава е донесена итна забрана за работа на добиточните пазари за овци и кози, како и за одржување изложби и спортски настани со овие животни. Во заштитните зони строго е забрането движење и превоз на овци и кози, освен кога тие се носат на колење во одобрени кланици по задолжителен претходен клинички преглед. Суровото млеко и млечните производи од овие региони можат да се пуштат во промет единствено по извршен термички третман и пастеризација на 72 степени во времетраење од 15 минути.
За сопствениците на стада на целата територија важи обврската во рок од 24 часа да пријават каков било сомнеж за болест или угинување до официјален ветеринар, строго да го ограничат движењето на луѓе и возила во фармите, да користат заштитна облека и дезинфекциски бариери и да не внесуваат нови животни без здравствен сертификат. Дополнително, на фармите каде што веќе е потврдена болеста, на сила е забрана за повторно населување на нови животни во период од шест месеци, а сите овие контролни мерки ќе се применуваат во рок од 60 дена од денот на донесување на решението.

