За прв пат по шест години, Охридското езеро се порибува со над милион единки охридска пастрмка

За прв пат по шест години, Охридското езеро се порибува со над милион единки охридска пастрмка

По шестгодишен застој, Охридското Езеро повторно се порибува со охридска пастрмка, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Според договорот склучен со Хидробиолошкиот завод - Охрид и Институтот за сточарство и рибарство, во езерото ќе бидат пуштени околу милион единки, со цел обновување на рибниот фонд.

Министерот Трипуновски изјави дека договорот, кој е дел од Програмата за рибарство и аквакултура за 2024 година, предвидува порибување со минимум 400.000 единки од Хидробиолошкиот завод - Охрид и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство.

Иако првичниот план беше со помал број, двете институции успеале да одгледаат поголем број на единки, надминувајќи ги утврдените минимуми.

- Хидробиолошкиот завод - Охрид обезбеди 620.000 единки наместо планираните 400.000.

- Институтот за сточарство и рибарство обезбеди 350.000 единки наместо планираните 200.000.

Трипуновски најави и зголемување на буџетот за порибување за следната година. Договорите за 2026 година предвидуваат:

- 3,3 милиони денари за Хидробиолошкиот завод - Охрид, со обврска да одгледаат околу 1,1 милион единки.

- 1,7 милиони денари за Институтот за сточарство и рибарство, со обврска да одгледаат околу 570.000 единки.