Индустриското производство во ЕУ порасна за 1,8% на годишно ниво, најголем пад е забележан во Бугарија

Индустриското производство во ЕУ порасна за 1,8% на годишно ниво, најголем пад е забележан во Бугарија

Индустриското производство во еврозоната порасна за 0,3% во јули 2025 година во однос на претходниот месец, додека во Европската унија е забележан пораст од 0,2%, покажуваат првичните проценки на Евростат. Овој пораст следи по падот од 0,6% во еврозоната и 0,4% во ЕУ забележан во јуни 2025.

На годишно ниво, индустриското производство порасна за 1,8% и во еврозоната и во ЕУ, во споредба со јули 2024 година.

Во еврозоната, на месечно ниво најголем раст е забележан кај: Недолготрајните производи за широка потрошувачка (+1,5%), капиталните добра (+1,3%) и долготрајните производи за широка потрошувачка (+1,1%), додека Производството на енергија забележа значителен пад од 2,9%.

Слична слика има и во целата ЕУ, каде енергијата опадна за 2,1%, додека капиталните добра и недолготрајните производи пораснаа за 0,9% и 1,3% соодветно.

На месечно ниво, најголем раст во индустриското производство е забележан во: Хрватска (+2,6%), Унгарија и Словенија (по +2,1%), додека најголеми падови се регистрирани во Естонија (-5,5%), Малта (-4,7%) и Шведска (-3,9%).

Во однос на јули 2024, индустриското производство во еврозоната и ЕУ е во пораст, иако не сите сектори следат исти трендови. Силен годишен раст е забележан кај: Недолготрајните производи за широка потрошувачка (+6,6% во еврозоната, +5,2% во ЕУ) и капиталните добра (+2,1% во еврозоната, +2,4% во ЕУ).

На годишно ниво, највисок раст на индустриското производство имаат: Летонија (+9,8%), Ирска (+8,1%) и Шведска (+4,1%). Најголеми падови се забележани во: Бугарија (-8,3), Луксембург (-4,7%) и Словачка (-4,6%).

Индустриското производство во ЕУ порасна за 1,8% на годишно ниво, најголем пад е забележан во Бугарија