Германската компанија Rheinmetall постигна договор со групацијата Lürssen за преземање на воената бродоградба Naval Vessels Lürssen од Бремен, заедно со сите нејзини подружници. Официјалното финализирање на договорот се очекува наскоро, а целосното затворање на трансакцијата е планирано за почетокот на 2026 година, по добивање на одобрение од надлежните регулаторни органи.
Со оваа значајна стратешка аквизиција, Рајнметал го проширува своето портфолио и влегува во бродоградбата, дополнително зајакнувајќи ја својата позиција како водечки снабдувач на одбранбена технологија во Германија и Европа.
„Создаваме бродоградбен гигант во Германија,“ изјави Армин Папергер, извршен директор на Rheinmetall AG. „Во иднина ќе бидеме релевантен играч на копно, вода, воздух и во вселената.“, додаде тој.
NVL, поранешна Lürssen Defence, е приватна бродоградбена група со четири бродоградилишта во северна Германија и неколку меѓународни локации. Во 2024 година компанијата остварила приходи од околу 1 милијарда евра и вработува околу 2100 лица ширум светот. NVL има повеќе од 150 години традиција и досега испорачала околу 1000 бродови на повеќе од 50 поморски сили и крајбрежни стражи низ светот.
Папергер нагласи: „Оваа аквизиција не нè прави само производител на бродови, туку комплетен интегриран поморски системски снабдувач. Во иднина, ќе нудиме сеопфатни решенија преку партнерската мрежа.“
Двете компании не ја открија вредноста на трансакцијата.