Нелојалната конкуренција при распределбата на европските грантови и потребата од решавање на проблемот со австриските визи за македонските превозници беа во фокусот на обраќањето на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на денешниот македонско-австриски бизнис форум што се одржа во Стопанската комора на Македонија.
Пред присутните бизнисмени и претставници на деловната заедница, Николоски посочи дека покрај тековните капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура, енергетиката и водоснабдувањето, од клучно значење е создавањето еднакви и фер правила за бизнисот. Тој отвори прашање за праксата преку која европските грантови и средства од даночните обврзници на Европската Унија завршуваат кај компании од трети земји надвор од ЕУ, додека македонските граѓани самостојно ги отплаќаат земените кредити и камати за инфраструктурните проекти.
Како уште еден клучен предизвик за билатералната економска соработка меѓу Македонија и Австрија, вицепремиерот ја истакна состојбата со македонските професионални возачи. Тој потенцираше дека ограничувањето на престојот и броењето на деновите и часовите за превозниците претставува сериозна пречка за непречен извоз и увоз на стоки. Побара поддршка од австриските институции за постигнување билатерален договор за долгорочни визи, посочувајќи ги како успешен модел веќе потпишаните договори што Македонија ги има реализирано со Хрватска и Словенија.

