Општина Кавадарци доби ново сообраќајно решение со официјалното пуштање во употреба на кружниот тек на Северен Булевар, сместен во непосредна близина на новиот деловен објект на компанијата Lidl. Со реализацијата на овој инфраструктурен зафат значително се унапредува сообраќајната поврзаност, се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот и се олеснува протокот на возила во овој дел од градот.
Проектот претставува плод на партнерство меѓу локалната самоуправа и приватниот сектор, при што компанијата Lidl учествуваше со донација и поддршка за неговата реализација, а градежните работи на терен беа изведени од страна на ангажирани локални компании. Градежните активности се одвиваа во неколку фази во текот на август, при што беа целосно асфалтирани 5.300 метри квадратни површина, а потоа беа извршени и завршните работи кои опфатија поставување на сообраќајни знаци и обележување на хоризонталната сигнализација.
На официјалното пуштање во употреба присуствуваа градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, и директорот за недвижнини од Lidl, Гоце Гаврилов. Во своите изјави за медиумите тие го истакнаа значењето на соработката меѓу општината и приватниот сектор за развојот на локалната инфраструктура, нагласувајќи дека ваквите заеднички инвестиции обезбедуваат подобри и посовремени услови за секојдневно функционирање на сите граѓани.

