Владата обезбеди 12 милиони евра за ликвидност на винариите: Над 54 милиони килограми грозје веќе се откупени

Владата обезбеди 12 милиони евра за ликвидност на винариите: Над 54 милиони килограми грозје веќе се откупени
Сподели:

Откупот на овогодишната реколта грозје во Тиквешијата и низ државата се одвива со континуирана динамика, при што досега се набрани и пласирани над 54 милиони килограми винско и трпезно грозје.

Ова го потврдија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, за време на нивната заедничка теренска посета на неколку откупни пунктови и винарии во Кавадарци, меѓу кои „Тиквеш“, „Мовино“, „Бруно“ и пунктот „Југокомерц“.

Според официјалните податоци на Министерството, домашните винарии и семејните визби досега преработиле над 43,5 милиони килограми грозје, додека над 10,5 милиони килограми се веќе извезени на странските пазари.

За зачувување на стабилноста на секторот и одржување на откупната цена од 22 денари за килограм, Владата обезбеди 12 милиони евра преку Развојната банка на Македонија. Овие средства им се ставаат на располагање на винариите под исклучително поволни услови, односно со каматна стапка од 1 процент, грејс-период од 18 месеци и рок на отплата од 36 месеци, со цел зголемување на нивната ликвидност и редовна исплата кон лозарите.

Паралелно со откупните активности, Општина Кавадарци презема мерки за проценка и обесштетување на штетите предизвикани од невремето и градот што неодамна го погодија овој регион. Формирани се две општински комисии кои веќе вршат проценка на терен, а по 1 октомври ќе биде објавен и дополнителен јавен повик за сите површини каде што грозјето останало необрано поради природни непогоди или сушење. Во меѓувреме, Државниот инспекторат за земјоделство спроведува секојдневни контроли на сите 19 откупни пункта низ државата со цел да се спречат евентуални неправилности при мерењето и класификацијата.

Во рамки на долгорочното планирање, од ноември оваа година Владата и Министерството ќе отпочнат подготовки за реколтата во 2027 година, кои вклучуваат поддршка за извоз, ослободување на вишокот залихи и изградба на дестилерија за преработка на вишокот вино во дестилат. Министерот Серафимовски упати апел до лозарите да не подлегнуваат на политички конструкции и дезинформации, уверувајќи ги дека институциите остануваат целосно присутни на терен до целосното преземање и исплаќање на нивниот род.