Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека на 15.10.2025 година, во голема акциска контрола во тетовското село Стенче, општина Брвеница, биле приведени 39 државјани на Република Албанија поради злоупотреба на туристичкиот престој и непријавена работа.
Акцијата е спроведена во периодот од 12:00 до 18:30 часот од страна на полициски службеници од СВР Тетово, во содејство со Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и инспектори од Одделението за прекуграничен криминал, миграција, странци и реадмисија.
Контролата била извршена на локација каде правно лице, во сопственост на Е.З.М. од Тетово, изведувало градежни активности.
На терен се затекнати 39 работници од Албанија, на возраст од 20 до 65 години, кои извршувале работни задачи. Приведени се откако е констатирано дека не биле пријавени како работници согласно законските прописи и го злоупотребиле туристичкиот престој, престојувајќи во земјата спротивно на целта.
Приведените лица се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Од МВР најавија дека, по целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави како за приведените странски државјани, така и за сопственичката на правното лице, Е.З.М. од Тетово, која ги ангажирала работниците.