Инвестиции во зелена енергија и мрежна инфраструктура: Божиновска оствари средба со раководството на ЕБОР

Инвестиции во зелена енергија и мрежна инфраструктура: Божиновска оствари средба со раководството на ЕБОР

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со висока делегација од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), предводена од директорот за Холандија, Кина, Македонија, Ерменија и Монголија, Рене ван Хел, како и претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу.

На средбата се презентирани клучните реформски чекори на Министерството насочени кон зајакнување на домашната енергетска инфраструктура и стабилизирање на сигурноста во снабдувањето. Претставниците на ЕБОР ја поздравија посветеноста на институциите, оценувајќи дека македонските реформи во енергетскиот сектор бележат напредок и се во понапредна фаза во споредба со одредени земји од поширокиот регион.

Во рамките на разговорите посебно внимание беше посветено на интеграцијата на капацитетите од обновливи извори на енергија (ОИЕ), можностите за складирање на електрична енергија, како и на неопходното зајакнување на мрежната инфраструктура во координација со МЕПСО. Исто така, истакната е важноста од диверзификацијата на производствените капацитети и практичната примена на законските решенија и подзаконските акти.

Министерката Божиновска нагласи дека постои висок интерес од страна на граѓаните и компаниите за инвестиции во зелена енергија, при што се работи и на носење на нови законски решенија, меѓу кои и Законот за јавно-приватно партнерство. На состанокот се разговараше и за проектите за регионално енергетско поврзување со соседна Грција и Србија, имплементацијата на нови паметни мерни системи (smart метри) во наредниот период, како и за значењето на сајбер-безбедноста во заштитата на енергетските мрежи.