Кривична пријава против поранешен градоначалник на Струмица за нелегална легализација во Куклиш

Кривична пријава против поранешен градоначалник на Струмица за нелегална легализација во Куклиш

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К.К. (36) од Струмица, поранешен градоначалник на Општина Струмица, С.Р. (38), поранешна раководителка на Секторот за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште, како и против Ј.П. (60) од Битола, поранешен управител на фирма од Битола.

Пријавата е поднесена поради постоење основано сомневање за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.

Според документацијата од истрагата, К.К. и С.Р. во текот на 2022 година ја злоупотребиле својата службена положба за да овозможиле легализација на бесправно изграден објект на катастарска парцела во селото Куклиш, со што овозможиле стекнување противправна имотна корист за физичкото лице Т.Ј. од истото село.

За да се реализира постапката, од страна на тогашната раководителка било побарано од третопријавениот Ј.П. да изготви елаборат со невистинита содржина. Со техничкиот извештај било лажно прикажано дека на терен не постојат објекти, со цел од катастарската евиденција да се избришат постојните објекти во сопственост на Општина Струмица и да се обезбеди чист имотен лист.

Врз основа на вака подготвените документи, тогашниот градоначалник донел решение за легализација на деловен простор (стовариште) со површина од 161 квадратен метар. Ова решение дополнително му овозможило на лицето Т.Ј. да изврши откуп и да отуѓи државно градежно земјиште со површина од 866,46 квадратни метри во сопственост на државата.

При извршувањето на овие дејствија, пријавените службени лица свесно ги занемариле претходните правосилни одлуки на Вишиот управен суд од 2016 и 2019 година, со кои барањето за легализација на ова лице било конечно одбиено. Дополнително било игнорирано и решението од овластен градежен инспектор со кое претходно му било наредено на инвеститорот да ја отстрани дивоградбата, со што е нанесена директна материјална штета врз буџетот на Општина Струмица и државата.