Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата Листа на должници бр. 10/2026, која ги опфаќа сите даночни долгови доспеани до 30 јуни 2026 година, а кои останале неплатени до 30 септември 2026 година. Вкупниот нето-долг за даноци и придонеси за социјално осигурување објавен на оваа листа изнесува над 13 милијарди денари, а се евидентирани вкупно 4.537 должници.
Според податоците од УЈП, од претходната листа бр. 09/2026 се повторуваат 4.443 должници. Кај 2.693 од нив е забележано зголемување на долгот за 269 милиони денари, 498 должници го намалиле својот долг за 259 милиони денари, додека кај 1.252 субјекти износот останал непроменет.
На најновата листа се појавуваат и 94 нови должници со вкупен долг од 314 милиони денари, за кои даночната управа најави дека при следната објава ќе даде детални информации за преземените мерки за наплата. Во исто време, 797 должници од претходната листа, кои должеа вкупно 684 милиони денари, веќе не се наоѓаат на новата листа откако ги регулирале своите обврски или по друг основ им престанал долгот.
Како дел од заложбите за поголема транспарентност, на оваа листа се објавени и конкретни информации за веќе преземените мерки за принудна наплата кај 462 даночни должници. Од УЈП посочуваат дека објавувањето на овие податоци е во целосна согласност со Законот за даночна постапка и не претставува даночна тајна.

