Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) распиша јавен оглас број 1/2026 за вработување на 43 овластени службени лица на неопределено време во Секторот за шумска полиција, на позицијата патролен шумски полицаец. Вработувањата се реализираат согласно Годишниот план на институцијата за 2026 година.
Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено најмалку средно образование (IV или V А ниво на квалификации), да бидат психофизички способни и соодветни за носење оружје, како и да поседуваат потврди за положен психолошки тест и тест за интегритет. Огласот е отворен за кандидати со или без работно искуство, а избраните лица ќе имаат обврска во рок од една година од вработувањето да положат испит за шумски полицаец.
Работното место опфаќа 40-часовна работна недела организирана во три смени, вклучувајќи и денови од викендот. Месечната нето-плата за оваа позиција изнесува 36.246 денари.
Клучните обврски на патролните шумски полицајци ги опфаќаат следните активности: Заштита и чување на шумскиот фонд од бесправна сеча и кражби, спречување, легитимирање и приведување лица затечени во вршење кривични дела и штети врз шумите, контрола на сите транспортни средства што превезуваат дрво и други шумски производи, привремено одземање предмети и средства искористени за извршување прекршоци или кривични дела и спречување и навремено известување за шумски пожари, растителни болести и штетници.
Пријавите со комплетната документација се доставуваат во рок од 20 дена од објавувањето на огласот до Секторот за човечки ресурси при МЗШВ, на адреса ул. „Ленинова“ бр. 2, Скопје. Повеќе информации можете да најдете на сајтот на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

