Цените во земјоделството во септември бележат зголемување и во делот на влезните трошоци (инпут) и кај финалните производи (аутпут) во споредба со истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според објавените податоци, најизразито зголемување од 8,8 проценти е регистрирано кај цените на инпут 1, односно кај тековно потрошените средства во земјоделското производство. Во исто време, цените на средствата наменети за инвестиции во земјоделството (инпут 2) бележат пораст од 8,6 проценти.
Во делот на аутпутот, односно кај финалните земјоделски производи, забележани се спротивни движења во зависност од секторот.
Цените во растителното производство во септември се зголемени за 3,9 проценти во однос на истиот месец лани. За разлика од нив, цените во добиточното производство бележат пад од 2,1 процент во истиот споредбен период.

