Процесот на откопување и безбедно отстранување на голем број неексплодирани убојни средства од Првата светска војна кај локалитетот „Тумбе Кафе“ во Битола, на само 200 метри воздушна линија од последните куќи, е успешно завршен. Како што информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пиротехничарите на институцијата во последните денови ја заокружиле вкупната бројка на 2.262 отстранети и уништени тромблонски гранати и рачни бомби.
Вкупната тежина на пронајдените убојни средства изнесува околу еден тон и 100 килограми. Секоја од гранатите содржела по приближно 60 грама експлозив, што значи дека од непосредна близина на населениот дел во Битола безбедно се отстранети вкупно околу 135 килограми експлозив.
Во реализацијата на сложената теренска операција учествуваше професионалниот пиротехничар на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, заедно со тројцата поранешни припадници на Министерството за внатрешни работи ангажирани во Дирекцијата - Тони Тошевски и Зоран Смилевски, поранешни припадници на специјалната единица „Тигар“, како и Пеце Кокаровски, поранешен припадник на одделот за антитероризам.
Од Дирекцијата за заштита и спасување упатија апел до сите граѓани доколку забележат или поседуваат информации за неексплодирани убојни средства, вклучувајќи рачни бомби, минофрлачки гранати, гранати од хаубици или авионски бомби со тежина и до 100 килограми, веднаш да го пријават случајот на единствениот број за итни повици 112, со цел стручните тимови безбедно да ги дислоцираат и уништат.

