Димитриеска-Кочоска: Во 2027 година нема да има промена на даноците, ќе се издвојат повеќе пари за плати, пензии, судството и бизнисот

Димитриеска-Кочоска: Во 2027 година нема да има промена на даноците, ќе се издвојат повеќе пари за плати, пензии, судството и бизнисот

Приходната страна на Буџетот за 2027 година е внимателно проектирана поради глобалната неизвесност, но и во такви услови се обезбедува раст на платите и пензиите, повеќе средства за правосудството и значајни износи за реализација на капитални проекти. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната средба со новинарите, нагласувајќи дека согласно програмата на Владата, во наредната година нема да има промена на даночните стапки.

Растот на даночните приходи како изворни приходи е проектиран на 6,4 проценти. На расходната страна, ставката за плати бележи зголемување од 6,6 проценти, односно за околу 56,9 милиони евра, додека кај пензиите е проектиран раст од 4,8 проценти.

За поддршка на компаниите преку Министерството за економија и труд и оперативниот план за вработување се предвидени околу 95,9 милиони евра. Во рамките на капиталните проекти, чија вкупна ставка за следната година изнесува околу 663,4 милиони евра, се издвојуваат околу 27,6 милиони евра за набавка на автобуси за јавниот градски превоз и два милиони евра за амбулантни возила.

Значителен буџетски раст е предвиден за правосудниот сектор, при што средствата за судската власт се зголемуваат за 19 проценти, а за Јавното обвинителство за девет проценти, во чии рамки се вклучени и 200 нови вработувања. Зголемување има и кај Буџетот за одбраната, каде што се издвојуваат два проценти од БДП.

Во делот на даночната политика, министерката најави подготовка на законски измени за унапредување на системот и роковите за поврат на ДДВ кон компаниите, како и имплементација на зелена карта и бела листа на компании. Од почетокот на 2026 година заклучно со 12 ноември е реализиран поврат на ДДВ во износ од околу 526,8 милиони евра, што е за 16,6 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година. Според податоците на Министерството, повратот на ДДВ во изминатите години се движел од околу 341,5 милиони евра во 2017 година, преку околу 508,9 милиони евра во 2021, до околу 726,8 милиони евра во 2022 година.

Осврнувајќи се на капиталните расходи, Димитриеска-Кочоска појасни дека од 2025 година се применува нова методологија која не ги вклучува трансферите и субвенциите, со што се добива реалната слика за инвестициите. Согласно тие показатели, реализацијата на капиталните расходи во 2020 година изнесувала околу 224,4 милиони евра, во 2023 година околу 577,2 милиони евра, во 2025 година околу 463,4 милиони евра, додека во 2026 година заклучно со октомври се реализирани околу 439 милиони евра.

Во однос на јавниот долг, по спроведената бенчмарк ревизија на податоците за БДП од страна на Државниот завод за статистика, долгот во третиот квартал од 2026 година изнесува 56,6 проценти од БДП. Министерката потенцираше дека и во 2027 година јавниот долг нема да го надмине Мастришкиот критериум од 60 проценти и ќе изнесува 59,7 проценти, а воедно најави дека во текот на овој месец ќе биде објавена нова емисија на Граѓанска обврзница.

Квиз:Асоцијација
(18 ноември 2026)

Пишувајте
на кирилица.
А1
А2
А3
А4
Б1
Б2
Б3
Б4
В1
В2
В3
В4
Г1
Г2
Г3
Г4
Секоја среда нова асоцијација.