На свеченост одржана денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доделени се уверенија за успешно завршена шестмесечна обука на 81 шумски полицаец и на еден заменик-командир. Со ова кадровско зајакнување директно се зголемуваат оперативните капацитети на службата на терен.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, посочи дека засилувањето на Шумската полиција со нови човечки ресурси доаѓа на самиот почеток на грејната сезона, период во кој традиционално се очекува зголемен притисок врз шумскиот фонд.
Со вклучувањето на новите припадници во редовните активности, Шумската полиција ќе има можност да спроведува позачестени и пообемни контроли со цел спречување на бесправната сеча, како и откривање на случаи на нелегален превоз и продажба на дрвна маса од незаконско потекло.
Во своето обраќање пред новите шумски полицајци, министерот Серафимовски истакна дека законот мора да важи подеднакво за секого, без оглед на името или функцијата, повикувајќи ги да постапуваат исклучиво согласно фактите и своите законски овластувања во заштитата на државното шумско богатство.

