Ревизија откри злоупотреба на милиони евра во Државна лотарија

Ревизија откри злоупотреба на милиони евра во Државна лотарија

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај за работењето на АД Државна лотарија за 2024 година, во кој се утврдени значајни неправилности во финансиското работење и се изразува сомнеж за злоупотреба на парични средства во готово.

Поради големиот обем на нелогични трансакции, записи без соодветна документација или поткрепени со неверодостојни документи, ДЗР се воздржа од изразување мислење за реалноста на финансиските извештаи и изрази неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.

Ревизијата утврдила дека вкупниот дневен пазар од продажба на игри на среќа во 10 сопствени продажни места, во износ од 46 милиони денари (околу 747.000 евра), не бил редовно уплатуван на сметките на друштвото, иако законската регулатива наложува уплата најдоцна до следниот работен ден.

Утврдено е дека двете уплати на име „дневен пазар“ во текот на годината се всушност трансфери на готовина меѓу сметки на самата Лотарија, а не уплата на примените средства од дневниот промет. Оваа состојба е овозможена поради неводење посебна книга на благајна и недостиг на внатрешни контроли, при што едно лице (директорот на Секторот за финансии) извршувало најголем дел од активностите за ракување и евидентирање на готовина.

Ревизорите утврдиле нерегуларности и при исплатата на аванси за мали добивки кон деловните соработници во износ од 13 милиони денари. Поголем дел од овие трансакции се поткрепени со неуредни, невалидни или непостоечки документи.

За евидентираните одливи и приливи на готовина по основ на дадени и вратени аванси во сопствените продажни места, ДЗР утврдил дека документацијата е спорна и неверодостојна, а вработени лица во изјави негирале дека ги примиле или вратиле наведените износи, што директно упатува на сомнеж за злоупотреба на парични средства.

Вкупниот износ на нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции надминува 122 милиони денари (околу 1,98 милиони евра), што исто така буди сомнеж за злоупотреба на јавни средства.

Дополнително, евидентираниот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63 милиони денари помал од оној во централниот систем, што го загрозува интегритетот на Лотаријата.

Трошоците за реклама и промоција бележат 10-кратен раст во однос на 2020 година, достигнувајќи 220 милиони денари (околу 3,58 милиони евра) за 2024 година.

Утврдени се неправилности во постапките за јавни набавки на маркетинг услуги во износ од 73 милиони денари, како што е недостаток на докази за реализација на услугите и сомнеж во оправданоста на трошоците, вклучително и за настанот „Фан Зона Еуро 2024“.

За 2024 година, Државна лотарија склучила договори за дело со 195 лица, од кои 75 лица воопшто не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи. За нив, незаконски и ненаменски се исплатени 14 милиони денари (околу 242.000 евра).

Заводот за ревизија констатираше бројни неправилности и нелогичности и во набавката на опрема, управувањето со објекти земени под закуп (вклучувајќи и плаќање за неискористен деловен простор и скапи реновирања), како и кај трошоците за службени патувања. ДЗР ги извести надлежните органи за утврдените неправилности и сомнежи за незаконско работење за понатамошно постапување.

Следете ги најновите вести на Viber