Царинските службеници на граничниот премин Богородица спречија обид за криумчарење златен накит со проценета вредност од 1,1 милиони денари. Нелегалната стока е откриена кај двајца косовски државјани кои пристигнале на преминот за влез во земјава.
При претресот, кај нив биле пронајдени четири златни ланчиња со вкупна тежина од 190,6 грама, кои осомничените претходно ги купиле во Турција, па со намера да ги сокријат од царинските контроли, ги ставиле на себе под облеката. Накитот е привремено одземен, а Одделението за истраги поднесе кривична пријава против лицата до Основното јавно обвинителство Гевгелија.
Ова е вкупно 11-та заплена на злато од почетокот на оваа година, период во кој Царинската управа има одземено околу два килограми златен накит. Според статистиката на службата, четири од овие случаи се евидентирани на Богородица, пет на Меѓународниот Аеродром Скопје, а по еден на премините Табановце и Блаце.
Како резултат на овие акции, Одделението за истраги досега покрена кривично гонење за криумчарење против десет лица во девет посебни случаи. Од Царинската управа порачуваат дека остануваат посветени на сузбивање на нелегалната трговија, заштита на државниот буџет и обезбедување фер услови на пазарот.







