Се бараат поранешни војници, полицајци и пожарникари за гаснење пожари, хонорар од 2.150 евра за три месеци

Се бараат поранешни војници, полицајци и пожарникари за гаснење пожари, хонорар од 2.150 евра за три месеци

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), предводена од директорот Стојанче Ангелов, упати јавен повик до поранешните припадници на Армијата, Полицијата и Противпожарните единици за организирано учество во справувањето со претстојните летни пожари на отворен простор и шумски пожари.

Ангажманот е предвиден за период од три месеци во текот на летото, а за таа намена е обезбеден вкупен нето-хонорар од 132.000 денари (2.150 евра), односно по 44.000 денари месечно преку договор на дело. Доколку пријавените лица се во пензија, исплатата на нивната редовна пензија нема да биде прекината.

Повикот се однесува на три конкретни позиции: возачи на специјални противпожарни возила (со возен парк од 22 пинцгауери, 5 хермелини и 15 пренаменети БТР-и), оператори на вградените противпожарни пумпи, како и оператори со противпожарни водни ранци и метли. Работното време ќе биде флексибилно и целосно прилагодено на состојбата на теренот, со дејствување во деновите со зголемен обем на пожари. Користењето на слободни денови ќе се договара со цел на ангажираните лица да им се овозможи користење на однапред планиран летен одмор.

Кандидатите кои аплицираат потребно е да исполнуваат неколку основни услови: да имаат најмалку петгодишно професионално искуство во безбедносните или противпожарните служби (без разлика дали се во пензија или ги напуштиле редовите од други причини) и да бидат во добра здравствена и психофизичка кондиција соодветна на нивната возраст. За сите избрани кандидати, ДЗС ќе организира здравствени прегледи, психофизички проверки и кратка противпожарна обука, а ќе им биде обезбедена и комплетна противпожарна униформа и заштитна опрема. На почетокот тие ќе бидат распоредени на полесни интервенции, а подоцна ќе даваат поддршка на локалните противпожарни сили низ целата држава.

Заинтересираните лица можат да се пријават по електронски пат со испраќање порака на е-адресата: dzs@dzs.gov.mk. Во пријавата треба да наведат име и презиме, кратка работна биографија и личен телефонски број за контакт. За дополнителни информации и прашања, на располагање е отворен и телефонскиот број на Дирекцијата: 070 333 980.

Асоцијација (17 јуни 2026)