Американската вселенска агенција NASA официјално ја избра компанијата SpaceX за имплементација на напредна ласерска технологија која ќе овозможи директен видеопренос со ултра-висока 4К резолуција за време на претстојната историска мисија кон Месечината, „Artemis III“.
Оваа соработка ќе обезбеди ексклузивен поглед директно од внатрешноста и надворешноста на вселенското летало „Orion“. За време на оваа мисија, четиричлениот екипаж ќе ги тестира клучните маневри за приближување и спојување меѓу „Orion“ и комерцијалните системи за слетување луѓе на Месечината, кои се неопходни за официјалното враќање на астронаутите на лунарната површина планирано за 2028 година.
За да се постигне ова, НАСА ќе инсталира два мини ласерски терминали од мрежата „Старлинк“ на надворешноста на леталото, со цел непречено испраќање на огромното количество видеоподатоци до Контролата на мисијата во Хјустон.
Ласерската комуникација користи невидлива инфрацрвена светлина, што овозможува пренос на далеку поголем волумен на податоци во секунда во споредба со традиционалните радио-фреквенции.
НАСА веќе успешно го демонстрираше овој оптички систем за време на претходната мисија „Artemis II“, кога преку ласерски сигнали до Земјата беа испратени видеоматеријали со висока резолуција, фотографии, гласовни пораки и комплексни инженерски податоци.
Од друга страна, „SpaceX“ првпат ја докажа ефикасноста на своите мини ласери за потребите на NASA во 2025 година, за време на приватната човечка вселенска мисија Fram2. Новата опрема што ќе биде поставена на „Orion“ е директно базирана на технологијата од над 25.000 ласери кои во моментов веќе оперираат во орбитата и ги поврзуваат сателитите на „Starlink“.

