Спречен шверц на македонско-косовската граница: Скопјанец уапсен при шверц, соучесникот со косовско комбе излета од патот

Спречен шверц на македонско-косовската граница: Скопјанец уапсен при шверц, соучесникот со косовско комбе излета од патот
Сподели:

Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи (РЦГР) Север утринава успешно пресекоа канал за криумчарење стока на македонско-косовската граница. Акцијата е спроведена во околу 08:00 часот во атарот на пограничното село Танушевци, поточно на самата гранична линија со косовското село Мијак, во рамки на оперативниот план за спречување на прекуграничен криминал.

Граничната патрола на лице место забележала група лица кои вршеле илегален претовар и размена на стока меѓу две комбиња - едното марка „фолксваген“ со косовски национални ознаки, а другото „пежо“ со скопски регистарски таблички.

При брзата интервенција на полицијата за запирање на возилата, на местото е лишен од слобода А.А. (43) од Скопје, кој го управувал македонското возило. Во меѓувреме, возачот на косовското комбе успеал да стисне гас и да побегне во правец на Косово. Македонските служби веднаш воспоставиле координација со косовската полиција, односно нивната специјална единица „Task Force“. При потерата на косовска територија, шверцерот со „фолксвагенот“ излетал од патот.

Двете товарни возила, заедно со криумчарената стока, се привремено одземени за понатамошна постапка. За случајот веднаш е известен надлежниот јавен обвинител, а по целосното докуметирање на кривично-правниот настан ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.