„Ветекс“ од Велес со добивка од над 162 илјади евра во првата половина од годината

„Ветекс“ од Велес со добивка од над 162 илјади евра во првата половина од годината
Сподели:

Велешката компанија „Ветекс“ АД Велес ги објави финансиските резултати за првите шест месеци од 2026 година, успевајќи да ја одржи стабилноста во услови на голема економска и политичка криза во Европа. Според официјалното образложение за резултатите од работењето, во овој период претпријатието оствари нето-добивка во износ од речиси 162.300 евра (9.985.000 денари).

Во периодот заклучно со крајот на јуни, компанијата реализираше вкупен приход во износ од 3,31 милиони евра (204.018.000 денари). Овој резултат бележи благ пад од 3,3% во споредба со истиот период минатата година. Главен извор на приходите останува продажбата на конец за плетење, наменет како за домашниот, така и за странските пазари.

На страната на расходите, „Ветекс“ во првото полугодие направи вкупни трошоци во износ од 3,12 милиони евра (192.439.000 денари), што претставува намалување за 3,44% во споредба со првите шест месeци од 2025 година. Намалувањето на расходите во голема мера ја компензираше благата надолна линија кај приходите. Овие трошоци главно се однесуваат на набавка и потрошувачка на суровини и материјали за производството, енергенси како електрична енергија и мазут, како и трошоци за исплата на плати и надоместоци за вработените во фабриката

Во делот на финансиските обврски, менаџментот информира дека во изминатите шест месеци компанијата немаше нови кредитни задолжувања. Истовремено, сите пристигнати обврски кон банките се враќани навремено и редовно, при што по основ на доспеани кредити се исплатени вкупно преку 166.100 евра (10.215.778 денари).

Исполнувањето на производствениот план до крајот на тековната година ќе се одвива и ќе се прилагодува согласно барањата на пазарот, но и во зависност од техничките возможности и вкупниот капацитет на претпријатието. Од компанијата најавуваат дека во претстојниот период фокусот ќе биде ставен на инвестиции во осовременување на основните средства, со цел да се подигне конкурентноста и успешно да се следат строгите пазарни барања.