Министерството за финансии го донесе новиот Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа. Овој подзаконски акт директно произлегува од новиот Закон за игри на среќа кој беше изгласан во јуни оваа година со цел воспоставување појасна, современа и поефикасна регулатива во оваа дејност.
Со новиот правилник се дефинира деталната документација што мора да ја приложат сите правни и физички лица кои поднесуваат барања за добивање лиценци за казина, обложувалници, автомат клубови или затворени томболи.
Апликантите се должни да достават комплетна документација со која потврдуваат дека ги исполнуваат условите за деловна репутација и интегритет. Ова опфаќа докази дека на лицата не им се изречени санкции за забрана за вршење професија, дејност или должност, како и потврди дека немаат казна за забрана за приредување игри на среќа.
Проверката на репутацијата се однесува на содружниците и соработниците во компаниите, но и на членовите на органите на управување и надзор во трговските друштва за игри на среќа каде што државата се јавува како единствен акционер.
Правилникот воспоставува детална контрола врз потеклото на средствата кои се вложуваат во основната главнина на компаниите. Министерството за финансии преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси ќе ја проверува целосната трага на парите од нивниот првичен извор до уплатата во друштвото.
Покрај тоа, прецизно се регулираат и постапките за какви било идни промени во сопственичката структура, промени на капитал или именување нови членови во управните органи. Сите овие механизми се воведени како клучен фактор во борбата против спречувањето перење пари и финансирањето тероризам.

