Помалку трошоци за родителите: Општина Центар обезбедува бесплатни униформи за сите основци и ранци за првачињата

Помалку трошоци за родителите: Општина Центар обезбедува бесплатни униформи за сите основци и ранци за првачињата
Сподели:

И оваа учебна година продолжува реализацијата на мерката за бесплатни училишни униформи за сите ученици од прво до деветто одделение во осумте основни училишта на територијата на Општина Центар. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека со оваа поддршка директно се намалуваат социјалните разлики меѓу децата уште од најрана возраст.

Секој ученик ќе добие комплет составен од пет памучни парчиња облека, односно две маици со јака, две маици со долги ракави и еден дуксер со патент.

Главната цел на оваа иницијатива е во училишната средина децата да се истакнуваат врз основа на нивното знаење, труд и успеси, а не според материјалните можности на нивните родители. Носењето униформи помага во градењето чувство на еднаквост, заедништво и припадност кај сите ученици.

Покрај униформите за сите основци, за сите новозапишани првачиња во општинските училишта и оваа година се обезбедени бесплатни училишни ранци.

Од Општина Центар истакнуваат дека продолжуваат со спроведување на проекти и мерки што овозможуваат директно олеснување на трошоците за семејствата пред почетокот на секоја нова учебна година.