Започна порибувањето на Охридското Езеро: Првите 100 илјади пастрмки пуштени кај Пештани, Трпејца и Калишта

Започна порибувањето на Охридското Езеро: Првите 100 илјади пастрмки пуштени кај Пештани, Трпејца и Калишта
Сподели:

Во Охридското Езеро денеска официјално започна процесот на порибување со автохтона охридска пастрмка. Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со претставници од Државниот инспекторат за земјоделство и ЈНУ „Хидробиолошки завод Охрид“, лично присуствуваше и учествуваше во почетните активности на терен.

Според договорот склучен меѓу Министерството и Хидробиолошкиот завод, во оваа првична фаза е предвидено порибување со 100 илјади единки охридска пастрмка кои потекнуваат од вештачкиот мрест спроведен во 2025 година.

Подмладокот што се пушта во езерските води е со просечна тежина од околу 16 грама. Активноста започна денеска и ќе се одвива во текот на следните пет до шест дена на неколку дефинирани точки.

Порибувањето се врши на локалитетите Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга. Тоа се истите места каде што во текот на 2025 година беа уловени матици од природната популација за обезбедување на потребниот репродуктивен материјал.

Целата процедура се одвива под строг контролен надзор на надлежните институции, односно во присуство на инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Главниот бран на обновување на рибниот фонд ќе следи во септември, кога ќе започне порибувањето со уште околу 1,5 милиони единки произведени од мрестот во 2026 година. Вкупно во двете фази Охридското Езеро ќе биде обогатено со 1,6 милиони подмладоци, што е од витално значење за зачувување на овој заштитен ендемски вид.