Премиерот Мицкоски во Куманово: 700.000 евра за реконструкција на „Соколана“

Премиерот Мицкоски во Куманово: 700.000 евра за реконструкција на „Соколана“

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска ја посети Општина Куманово, каде што заедно со градоначалникот Максим Димитриевски и други претставници на локалната власт, го најавија започнувањето на проектот за реконструкција на најстариот спортски комплекс во Куманово – „Соколана“. Владата ќе обезбеди 700.000 евра за целосна обнова на објектот, кој по реконструкцијата ќе го врати своето историско значење и функционалност.

„Сакам да изразам задоволство што сум денеска тука, заедно со градоначалникот, да честитам за сето она што се постигнато до сега и да нагласам дека во наредниот период ќе продолжиме да работиме заедно на уште повеќе проекти во интерес на Куманово“, изјави Мицкоски. Тој истакна дека успешната соработка меѓу Владата и локалната власт е клучна за напредокот на градот и подобрување на животот на неговите граѓани.

Премиерот ја поздрави и позитивната атмосфера меѓу стопанствениците и градоначалникот, кои во изминатите денови го посетиле, со што, како што рече, се потврдува дека кумановската администрација активно работи за поддршка на инвестициите.

„Би сакал да се заблагодарам и на пратениците од Куманово, кои во континуитет се борат за својот град и се заложуваат за нови проекти и финансирање од страна на Владата. Таа борба е инспирација за нас и ќе продолжиме да поддржуваме иницијативи кои ќе водат кон подобрување на животот на кумановци“, додаде Мицкоски.

Градоначалникот Максим Димитриевски ја претстави деталната визија за обновата на „Соколана“, која ќе вклучува реконструкција на спортската сала, инсталирање на нови објекти и подобрување на инфраструктурата. Проектот за реконструкција е веќе подготвен, а сега останува да се обезбедат финансиите, што премиерот го потврди како сигурно.

„Овој проект е значаен не само за Куманово, туку и за целата земја, бидејќи „Соколана“ е историски симбол на градот. Ние како Влада ќе се погрижиме да обезбедиме средства и започнеме со реконструкцијата во најкраток можен рок“, заклучи Мицкоски.

Премиерот Мицкоски во Куманово: 700.000 евра за реконструкција на „Соколана“