Заврши овогодишната фаза од археолошките истражувања на познатиот повеќеслоен локалитет Цоцев Камен, сместен во селото Шопско Рударе, Кратовско. Локалитетот содржи континуирани траги од човечко присуство од неолитот па сè до минатиот век, а последните истражувања донесоа значајни материјални докази за најстарите праисториски периоди.
Теренските активности годинава се главно насочени кон северниот сектор од локалитетот. На овој дел се откриени остатоци од неолитски објект, како и богат асортиман на подвижни наоди. Меѓу пронајдените предмети се издвојуваат бројни керамички садови, тегови, прешлени, калап за леење на лабриси, како и разни алатки изработени од рог и животински коски.
Како посебно вреден и редок артефакт од овогодишната кампања се издвојува коскено свирче, кое датира од неолитскиот период. Овој предмет е сочуван со своето устие и перфорација низ која излегувал звукот, што го прави еден од најретките вакви наоди од најстарите времиња на подрачјето на државата.
Археолошките истражувања се реализираа како заеднички проект меѓу Археолошкиот музеј на Македонија и Музејот на град Кратово, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам. Раководител на проектот е д-р Перо Синадиновски, а ко-раководител е проф. д-р Дамјан Донев. Соработката на терен беше остварена и со поддршка од локалната заедница, приватните сопственици на земјиштето и одборот на манастирот „Пет Кладенци - Св. Илија“.

