Министерот за транспорт, Александар Николоски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, извршија увид во градежните активности на Секција 4 од автопатот Кичево-Охрид. На оваа локација, во близина на Ботун, во моментов со засилена динамика се работи на стабилизација на нестабилни косини со примена на современи инженерски техники кои претставуваат иновација во целиот регион.
Специфичните теренски услови, одосно комбинацијата од црна графитна земја и големи количини подземни води, досега беа еден од најголемите предизвици за изградбата. Преку ангажман на домашни и странски експерти е дефинирано техничко решение со изведба на правоаголни противлизгачки колови со димензии од 3 на 2 метри, кои се копаат на длабочина од 20 до 28 метри. Во ископаните дупнатини со помош на 110-тонски кранови се спуштаат масивни арматурни кафези, при што секој кафез содржи околу 30 тона железо, по што следува нивно бетонирање.
Проектот предвидува изградба на вкупно 250 вакви решенија на целата траса од автопатот, од кои дури 163 се лоцирани на најкритичната точка кај Ботун, а останатите ќе бидат поставени на другите нестабилни делници, вклучително и кај Кнежино во близина на Кичево. За реализација на оваа сложена операција на терен се ангажирани пет специјални машини, секоја со тежина од по 130 тона.
Представниците на Владата и Јавното претпријатие за државни патишта потенцираа дека ова е инженерски најсложениот дел од целата автопатска делница. Со успешното поставување на масивните челични и бетонски конструкции трајно се решава проблемот со свлечиштата, со што се создаваат услови градежните работи да продолжат според предвидениот распоред и проектна документација.

