Скопскиот и охридскиот аеродром опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци - најмногу летови има кон Турција, Германија и Швајцарија

Скопскиот и охридскиот аеродром опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци - најмногу летови има кон Турција, Германија и Швајцарија

Продолжува позитивниот тренд на раст на бројот на патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, кои во првите девет месеци од годината опслужиле вкупно 2.585.096 патници, што претставува зголемување од 6% во однос на истиот период минатата година.

Во истиот период е забележано и зголемување на бројот на летови за 3%, односно се реализирани 20.141 летови.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека овие резултати се потврда за успешноста на долгорочната стратегија на компанијата, која се должи на внимателно планирање и континуирана посветеност кон подобрување на услугите.

„За овој константен позитивен тренд на раст во голема мера влијаеа новоотворените осум линии од двата аеродроми на почетокот на годинава, во соработка со авикомпаниите и Владата“, вели Курт.

Тој најави дека стабилниот раст се очекува да продолжи и до крајот на годината, благодарение на најавените седум нови авио-поврзувања преку „Виз ер“, кои ќе стартуваат кон крајот на октомври и декември, како и повторното поврзување на Скопје со Женева преку „Изиџет“ од 3 ноември. Новите линии од Скопје се кон Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака, Прага и Келн, а од Охрид кон Базел. Дополнителни нови линии се најавени и за 2026 година.

Само во септември опслужени се 329.523 патници (раст од 8%) и 2.422 летови (раст од 1%).

Меѓународниот Аеродром Скопје опслужил 2.375.264 патници (раст од 5,4%), додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен раст од 16,2% со 209.832 услужени патници.

Најфреквентна дестинација од Скопје останува Истанбул (двата аеродрома) со 16,9% пазарен удел, а најмногу директни летови има кон Турција (25,1%), Германија (24,7%) и Швајцарија (10,9%).

Следете ги најновите вести на Viber
Скопскиот и охридскиот аеродром опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци - најмногу летови има кон Турција, Германија и Швајцарија