Герасимовски: Донирана е книгата за Тоше Проески во сите основни училишта во Општина Центар

Герасимовски: Донирана е книгата за Тоше Проески во сите основни училишта во Општина Центар

По повод одбележувањето на 19 години од смртта на македонската музичка легенда Тоше Проески, Општина Центар започна акција за донирање на книгата посветена на неговиот живот и дело во сите основни училишта на територијата на општината.

Како што истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, целта на оваа иницијатива е младите генерации и децата од основното образование да имаат можност одблиску да се запознаат со неговата приказна, огромната добрина, хуманост и љубов што Тоше ги ширеше преку својот живот и музика.

Герасимовски нагласи дека споменот за Тоше Проески останува трајно врежан во македонската културна и општествена меморија, а неговото наследство ќе продолжи да се пренесува и на генерациите што доаѓаат.

„Има песни што никогаш не престануваме да ги слушаме и луѓе што засекогаш ни остануваат во срцето. Тоше е меѓу нив, веќе 19 години. Денес, во негов спомен, ја донираме книгата за Тоше во сите основни училишта во Центар. За децата да го запознаат и преку неговата приказна, да прочитаат колку љубов даваше и колку срца допре со својата добрина. Неговите песни ќе продолжиме да ги пееме, а каков човек беше ќе им раскажуваме и на генерациите што доаѓаат“, порача Герасимовски.