Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја интензивира координацијата со меѓународните партнери за забрзување на процесот на енергетска реконструкција на објектите во јавниот сектор. Целта на овие активности е значајно намалување на потрошувачката на енергија и поефикасно управување со јавните ресурси.
Во рамките на подготовките за спроведување на проектот PIONEER-MK, поддржан преку програмата PEEB Cool, во Министерството се одржа мисија на Француската агенција за развој (AFD). На партнерскиот состанок учествуваа претставници на AFD, Светската банка, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), како и претставници од Канцеларијата на Претседателот на Владата.
На средбата се детално разгледани можностите за подобрување на меѓуинституционалната координација за реализација на Планот за реконструкција на зградите што ги користат државните институции, предвиден за периодот од ноември 2025 до ноември 2028 година.
Од Министерството посочуваат дека енергетската обнова на јавните објекти претставува клучна инвестиција за намалување на буџетските трошоци и подобрување на одржливоста на јавната инфраструктура. Преку синергија со меѓународните финансиски и развојни институции се овозможува поефикасно спроведување на мерките за енергетска ефикасност и исполнување на националните и европските цели за намалување на емисиите на стакленички гасови и зелена транзиција.

